Берлин денеска ќе го пречека британскиот крал Чарлс Трети со највисоки почести заедно со неговата сопруга Камила, што ќе биде нивна прва посета во странство откако кралот дојде на тронот.
Кралската двојка требаше да ја посети Франција пред Германија, но посетата беше откажана поради немирите поврзани со протестите против пензиските реформи во таа земја.
Монархот и сопругата треба да слетаат на аеродромот во Берлин во раните попладневни часови.
Полициските сили во голем број ќе бидат присутни во Берлин, каде Чарлс и Камила ќе престојуваат два дена, од каде во петок ќе се упатат кон Хамбург, последната етапа од нивната посета.
Ќе бидат мобилизирани дури 1.100 полицајци, а ќе дојде и засилување од други федерални земји. Неколку главни сообраќајници во центарот на градот ќе бидат затворени.
„Кралската двојка изрази желба директно да разговара со жителите на Берлин“, што не им ја олеснува задачата на безбедносните сили, изјави директорот на полицијата Томас Дрехслер за германските медиуми.
Во текот на попладневните часови, љубопитните ќе можат одблиску да ги видат кралот и неговата сопруга на Бранденбуршката порта, во срцето на Берлин, каде што ќе бидат примени од претседателот Франк-Валтер Штајнмаер и неговата сопруга. На тој споменик, кој е симбол на градот, но и симбол на неговата поделба во текот на три децении, првпат ќе биде пречекан висок гостин со воени почести.
Кралот потоа ќе замине во претседателската палата, каде ќе се одржи свечен прием, кој воедно ќе биде можност да се истакне важноста на пријателството меѓу двете земји.
Утре е предвидено кралот да разговара со канцеларот Олаф Шолц, да прошета низ пазарот во друштво на градоначалникот, да одржи говор во германскиот парламент и да се сретне со украинските бегалци.