Ковачевски-Вучиќ: Македонија и Србија взаемно се поддржуваат за клучните прашања и предизвици

од Вести365.МК Ј.Р.

Српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот премиер Димитар Ковачевски утрово на средбата во Белград го потврдија долгогодишното партнерство и пријателство меѓу Македонија и Србија отсликано преку постојаната взаемна поддршка за клучни прашања и предизвици кои ги засегаат двете земји.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата било заклучено дека билатералните односи меѓу двете земји се карактеризираат со динамичен политички дијалог на високо ниво, економска соработка и трговска размена.

„На средбата беше разговарано за регионалните иницијативи кои се можност за перспективи и уште поголемо унапредување на меѓусебната соработка. Целта на Отворен Балкан и Берлинскиот процес е регионален развој и побрза интеграција на единствениот европски пазар и во Европската Унија“, се наведува во соопштението.

Соговорниците разговарале и за политиката на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и за динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија. Притоа биле нагласени реформските процеси во повеќе клучни области, градење на институционални капацитети како и развојните стратегии кои ги спроведуваат владите на двете земји.

Исто така, на средбата биле споделени и информации за делувањето на двете држави во рамки на Западен Балкан, во контекст на економската, демократска и безбедносната ситуација во регионот и Европа.

Во владината делегација која што ја предводи Ковачевски се и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врски Благој Бочварски како и заменик министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.

Посетата започна вчера попладне, а по пристигнувањето во Белград, Ковачевски, како што објави на Фејсбук, се прошетал со Вучиќ и со премиерката Брнабиќ на кејот на Сава.

Слични објави