Лионел Меси, аргентинската ѕвезда, најстрого е санкциониран и суспендиран од раководството на Пари Сен Жермен. Причината за суспензијата е што не се појавил на понеделничкиот тренинг на клубот, туку отпатувал за Саудиска Арабија. Тој е суспендиран на две недели и не може да тренира со првата екипа, а ниту пак ќе биде платен за овој период.
Имено пред мечот со Лориент во Лига 1, играчите на ПСЖ биле договорени да добијат два слободни дена, ако победат, меѓутоа претрпеа пораз од 3-1 на домашен терен. И покрај поразот, Меси побарал да биде ослободен, но тоа не било дозволено, бидејќи условот бил тимот да победи или ремизира. Сепак тој одлучил на своја рака да отпатува во Саудиска Арабија поради спонзорски договор, и поради оваа негова постапка тој доби казна од клубот.
Играчите на ПСЖ биле незадоволни од неговото однесување и од овие причини клубот се одлучил за ваква драконска казна. Со оваа негова постапка се повеќе се потврдуваат информациите дека Меси ќе го напушти Паркот на принцовите, а како можни опции за заминување се спомнуваат: Барселона, МЛС лигата или Саудиска Арабија.