Реал Мадрид го преживеа првиот пекол во „Штарк Арена“, откако вечерва успеа да победи со 82-80 и да намали на 1-2 во серијата со Партизан, откако црно-белите успеаа да прокоцкаат и плус 15 предност уште по првата четвртина. Центарот на кралевите од Зеленортските острови Валтер Тавареш беше незадржлив за екипата на Жељко Обрадовиќ, откако даде 26 поени и имаше 11 скока, тотално доминирајќи во рекетот, а голема помош доби од Најџел Вилијамс-Гос, кој додаде 22 поени од кои 16 во второто полувреме за да донесат четврти меч, втор во Белград кој се очекува да биде уште попеколен во битката за пласман на фајнлфорот во Евролигата кој ќе се игра во Каунас (Литванија).

Партизан тргна агресивно со 12-0, имаше и најголеми плус 15 пред крајот на првиот период кој на крајот го доби со 32-19, но во вториот дел екипата на Реал брзо се консолидира и на пауза заминаа само со три поени негатива, за во третиот период да направат комплетен пресврт и скоро во целиот понатамошен тек да бидат во предност.
Партизан до нерешено во мечот дојде на 77-77 во последните 100 секунди, но Вилијамс-Гос со тројка на 24 секунди пред крајот практично го реши победникот и на крајот и се покажа дека таа тројка беше пресудна за победа и брејк на екипата од Мадрид. Кај Партизан, Ледеј и Смаилагиќ дадоа по 15 поени и беа најефикасни, а Нанали додаде 13.

Следниот четврти меч, се игра повторно во Белград, во четврток вечер.
Во вториот вечерашен меч, екипата на Монако успеа да го освои Тел Авив и победи со 83-78 против Макаби во третиот меч за да поведе со 2-1 во серијата и да го врати загубениот „бреј“ на домашен терен во втората четвртфинална пресметка.