Лидерот на владиниот партнер Движење ЗНАМ – За Наша Македонија и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, со неговите изјави отвора нов фронт против Бадентеровото мнозинство, уставниот механизам што гарантира еднаквост и стабилност во државата. Ова е денешната реакција на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на вчерашната изјава на Димитриевски дека во одредени моменти Бадентеровото правило ја доведува во прашање функционалноста на државата, но и дека тоа веќе со потврда ќе го имаме по завршувањето на локалните избори.
Според ДУИ, вчерашната изјавата на лидерот на ЗНАМ е продолжение на оркестрирана кампања на оваа влада и нејзините партнери за рушење на темелите на Охридскиот рамковен договор и враќање на државата назад, во неправда и исклучување.
„Не треба да се заборави дека ова е истиот политичар кој им го забрани користењето на албанското знаме на претставниците на ВЛЕН, а денес се обидува да го релативизира Охридскиот мировен договор, нарекувајќи го исполнет и надминат“,се вели во партиската реакција од ДУИ.
Оттаму велат дека ова не е случајност, туку продолжение на програмата на ВМРО-ДПМНЕ, која пред изборите отворено најави мерки против мултиетничноста и Охридскиот мировен договор.
„Во иста линија беше и иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за целосно укинување на Законот за употреба на јазиците пред Уставниот суд. Нивните денешни партнери едноставно ја спроведуваат таа агенда“,пишува во соопштението од партијата.
Според ДУИ, октомври е блиску и народот на народниот референдум ќе покаже дека Охридскиот мировен догвоор не смее да се допира, дека достоинството на Албанците не се преговара, како и дека секој обид за нивно исклучување и понижување ќе биде жестоко казнет.
Од првиот ден на мандатот, според партијата, Владата ги нападна столбовите на еднаквоста, односно го укина „балансерот“ и го поткопа правичното претставување на Албанците и другите заедници во државните институции, го девалвираше Охридскиот рамковен договор, доверувајќи му ја неговата имплементација на Иван Стоилковиќ, личност со добро познати антиалбански и путинистички убедувања, ја избриша дијаспората од пресметките, ги намали Албанците во официјалните пресметки, го девалвираше Инспекторатот за употреба на јазиците и ја претвори Агенцијата за примена на јазиците во нефункционална институција.