„Со огромно задоволство сакаме да споделиме со вас една, за нас, многу значајна информација, а истовремено и да ја поздравиме историската одлука за основање на национална установа „Оркестар за џез музика во Република Македонија. Изразуваме јавна благодарност до Министерство за култура кои најдоа слух за нашите заложби и ја препознаа вредноста на нашата долгогодишна работа, давајќи потврда за нашиот труд преку основањето на „Оркестар за џез музика во Република Македонија“ – вака Здружението на џез музичари ја поздрави одлуката на Владата и Министерството за формирање на националната установа „Оркестар за џез музика“. Новата музичка институција се формира токму по нивна иницијатива, здружение кое со својот Биг Бенд во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура.
Институционализирањето на овој оркестар за џез музика, претставува потврдува за долгогодишните заложби на Здружението и неговите активности реализирани преку ЗЏМ биг-бендот, како и заложбите на бројните музичари кои гравитираат во сферата на џез-музиката. Основањето на овој оркестар ќе биде уште едно поле во кое се отвора можност за негување на нивната креативност, но и можност за понатамошно професионално работење со нивната дејност.