Виктор Гловер, Џереми Хансен, Кристина Кох и Рид Вајзман се астронаутите на кои им е доверена честа и одговорноста да бидат првата мисија со екипаж до Месечината по повеќе од половина век.
Астронаутите Вајзман, Кох и Гловер од НАСА и Хансен од Канадската вселенска агенција, ќе бидат обучени за мисијата Артемис 2. Тие во ноември в година ќе тргнат во обиколка околу Месечината, но нема да се спуштат на неа. Таа чест ќе ја имаат астронаутите од следната мисија, Артемис 3. Планирано е следната стапка на Месечината да ја направи жена.
Командант на мисијата ќе биде Вајзман (47), тест-пилот што преминал во НАСА и веќе престојувал 165 дена во вселената, во Меѓународната вселенска станица. Хансен (47) е поранешен пилот на борбен авион, а сега е еден од четворицата активни канадски астронаути, но никогаш не престојувал во длабока вселена. Гловер (46) веќе бил во вселенски мисии, како пилот на леталото „Кру драгон“ на Спејсикс, а престојувал и речиси половина година на Меѓународната вселенска станица. Со 328 дена во вселената, најголемо вселенско искуство има астронаутката Кох (44), која во 2019 година стана првата жена што излегла на „вселенска прошетка“, а тоа го сторила уште пет пати.
Мисијата Артемис 1 успешно беше спроведена во декември. Леталото на НАСА без екипаж помина 2 милиона километри до Месечината и назад. Мисијата Артемис 2 ќе биде слична, но со екипаж, а Артемис 3 опфаќа и спуштање астронаути на Месечината и нивно безбедно враќање на Земјата.