Одлуката за донесување Детален урбанистички план за Градска Четврт 3 04, Блок 04.05 на Општина Карпош, утре ќе се најде на седница на Уставниот суд. Станува збор за ДУП изработен од „Билд урбан“ за плански период 2020 – 2025 година, а Одлуката е усвоена на петтата вонредна седница на Советот на Општина Карпош, во март 2022 година.
Во поднесената иницијатива до Судот е наведено дека оспорениот детален урбанистички план ги руши темелните вредности врз кои е заснован уставниот поредок и дека донесената Одлука мора да биде во согласност со ГУП на Град Скопје, бидејќи просторот од Градска четврт кадешто е предвидено да се гради бензинска пумпа е планиран за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, а тоа се објекти за домување и делумно комерцијални објекти, но не и објекти со класа на намена Е-инфраструктура во која влегуваат бензински пумпи. Се наведува дека не постојат услови за комунална супструктура за намена на објекти како бензинска пумпа и секоја таква градба би ја загрозило инфраструктурата и може лошо да влијае на здравјето на луѓето и на животната средина. Подносителката наведува дека општина Карпош нетранспарентно ја донела Одлуката за неспроведување на стратегиска оценка на влијанието врз животната средина – информираат од Уставен суд.

ДУП З04 блок 05 (делот кај СЦ Борис Трајковски), Фото: Фејсбук/Независни за Карпош
Деталниот урбанистички план за овој простор за првпат е донесен во јули 2016 година и во него беше вцртана парцела за бензинска пумпа. Три месеци подоцна е спроведено јавно надавање за продажба на државното земјиште, но во 2018 година Уставниот суд го укина планот. Летото во 2021 година, Општина Карпош изврши јавна презентација на новиот нацрт ДУП за просторот што опфаќа дел од тениските терени кај СЦ „Борис Трајковски“.
Откако Уставниот суд го укина ДУП-от , Општината беше тужена од „Пуцко петрол“, фирма која требаше да ја гради бензиската пумпа, која бараше отштета од 15 милиони евра поради тоа што со поништувањето на претходниот план на тужителот му била нанесена штета. Под притисок на тужбите, советниците на Советот на Општина Карпош го донесоа новиот ДУП на вонредна седница во март 2022 година.
Сега и за новиот ДУП за Градска Четврт 3 04, Блок 04.05 повторно ќе одлучува Уставниот суд.