Урсула фон дер Лајен во понеделник доаѓа во Скопје, најави Маричиќ

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во понеделник доаѓа во Скопје, а предвидени се средби со македонскиот државен врв, а според очекувањата нејзината посета е за цел убедување за уставни измени.

Маричиќ вели дека со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе се разговара за потребните и неопходните реформи и за дополнителните средства што треба да ги добиеме како помош од ЕУ и мотивација за реформите.

 Според вицепремиерот ќе се разговара и за оние обврски што ни преостануваат, за да, како што вели, ја комплетираме оваа фаза на пристапувањето и да преминеме во втората, односно отворањето на кластерот и со тоа да го најавиме и крајот на скринингот.

Според него, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година.

Тој рече треба да го задржиме темпото со Албанија, но и со другите земји кандидати за членство, ќе треба да ги спроведеме уставните измени. 

„Секој ден покасно, секое доцнење во врска со уставните измени, е ден загуба за Северна Македонија, ден загуба за нашите граѓани. Првпат имаме вистинска можност да разговараме за проширување на ЕУ до 2030 година. Сите најави одат во насока дека Европската комисија подготвува план со којшто ќе овозможи на оние држави коишто ќе бидат подготвени, коишто ќе ги направат неопходните реформи да влезат во Европската Унија во 2030 година. Наша заложба е ние да бидеме дел од тие држави, а тоа е можно само ако сите политички актери и сите пратеници ја преземат одговорноста на себе и ги донесат неопходните одлуки“, вели Маричиќ.

Посетата на претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен изминатиот период ја најавуваше и премиерот Димитар Ковачевски. Тој вчера рече дека доаѓа голем пријател на нашата земја и додаде дека продолжувањето на евроинтегративниот пат на земјата ќе биде една од клучните теми за кои ќе се разговара за време на посетата на Фон дер Лајен.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека засега не е договорена заедничка средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Прашан дали нејзиното доаѓање во земјава ВМРО-ДПМНЕ го чувствува како притисок во врска со гласањето на уставните измени, Мицкоски рече дека секој добронамерник кој е заинтересиран за состанок со него е добредојден.

Мицкоски вели дека засега не е договорена средба со Фон дер Лајен, но оти останува на истиот став за уставните измени

Слични објави