Во првиот полуфинален натпревар во Торино, Јувентус успеа да избегне пораз, откако Федерико Гати го постигна голот за 1-1 во последните секунди на натпреварот против Севилја. Јусеф Ен Несири го постигна голот за Севилја во 26-тата минута, а екипата на Јувентус со голот на Гати во 96-тата минута, успеа да избегне пораз и со израмнети шанси патува во Шпанија, во борба да се пласира во финалето на Лига Европа.
Вториот италијански тим, екипата на Рома го направи првиот чекор кон ново финале во Лига Европа со минимален успех од 1-0 против екипата на Баер Леверкузен на домашен терен во првиот полуфинален натпревар. Голот беше постигнат во 63-тата минута од Едоардо Бове, откако Тами Абрахам шутираше, а Бове налета на одбиената топка и реализираше.
Сепак, предноста од еден гол не е гаранција за успех и екипата на Жозе Морињо, ќе треба да биде на високо ниво и на вториот натпревар во Леверкузен, за да обезбеди место во финалето.