Макс Ферстапен стигна до маестрална победа на Мајами ГП трката, иако стартуваше само како деветти на уличната патека. Болидот на Ред бул повторно беше во своја класа, доминантен пред целата конкуренција. Ферстапен успеа од деветтото место на стартот до 16-тиот круг да се искачи веднаш зад освојувачот на пол-позицијата, неговиот колега Серхио Перез. По ова, тој долго време беше на првото место,по влагањето на Перез во боксот. Ферстапен остана на патеката до 46-тиот круг, а потоа по измената на гумите излезе зад Мексиканецот, и со новиот сет посвежи (и помеки) гуми успеа да го помине клубсиот колега во 47-от круг, а потоа и рутински да ја запечати победата.
Фернандо Алонсо во Астон Мартин, повторно, беше на третото место, одбивајќи ги сите напади на ривалите од Мерцедес и Ферари. Џорџ Расел го освои четвртото место за Мерцедес, пред Карлос Саинс во Ферари, а потоа следеа Луис Хамилтон со вториот Мерцедес и Шарл Леклер со второто Ферари. Поени освоија и двојката на Алпин, Пјер Гасли и Естебан Окон, како и Кевин Магнусене во Хас на 10. место.
Двократниот светски шампион, Макс Ферстапен, со оваа победа покажа дека е подготвен да се бори за трета светска титула, за него ова беше 38. победа во кариерата. Во генералниот пласман Верстапен има 119 бода, четиринаесет повеќе од Перез, додека третото место му припаѓа на Алонсо со 75 бода.