Администрацијата на претседателот Доналд Трамп најави распоредување на 2.000 припадници на Националната гарда во Лос Анџелес, како одговор на протестите што веќе втор ден не стивнуваат поради федералните акции за апсење и депортација на мигрантите.
Овој чекор претставува нова ескалација во контроверзната антиимиграциска политика на Трамп, што предизвика сериозна загриженост кај властите во Калифорнија. Според официјални лица, распоредувањето на Националната гарда во градот се случува исклучително ретко и само во критични ситуации.
Последните инциденти биле регистрирани во неколку делови од градот, вклучително и областа Парамонт, каде дошло до судири меѓу демонстрантите и полицијата. Биле употребени флеш гранати и солзавец, а биле забележани и физички пресметки.
Граѓански организации и активисти за човекови права предупредуваат на прекумерна употреба на сила и го повикуваат федералното водство да се воздржи од употребата на војска на протестите.