Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ доби две нови директни авиолинии од Полска, со што дополнително се зајакнува поврзаноста на Македонија со еден од најважните туристички пазари во Европа.
Утрово на охридскиот аеродром слета првиот лет од Вроцлав, целосно нова дестинација која досега никогаш не била поврзана со Македонија. Веќе на 9 јуни се очекува и првиот лет од Катовице, со што, според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, Охрид добива значајно отворање кон полскиот пазар.
Два нови директни лета до охридскиот аеродром ќе значат многу повеќе патници, туристи, повеќе луѓе за бизнис и поголема отвореност кон светот. Со ова охридскиот аеродром целосно се отвора кон Полска. Отвораме две значајни рути кои ќе овозможат полските туристи полесно да го посетуваат охридскиот регион – изјави Николоски при посетата на аеродромот.
Тој најави дека од оваа недела повторно се воспоставуваат и летовите на релациите Белград–Охрид и Истанбул–Охрид, што дополнително ќе придонесе за зголемување на бројот на патници.
Осврнувајќи се на резултатите во воздухопловниот сектор, Николоски потсети дека минатата година Македонија ја надмина бројката од три милиони патници.
Реков дека е добро во следните две до три години да стигнеме до бројката од три и пол милиони патници, но со ова темпо ние тоа ќе го постигнеме уште оваа година. Ќе си поставиме нова цел – за неколку години да стигнеме до четири милиони патници, што мислам дека е врв за нашите два аеродроми – истакна Николоски.