Парите за социјална пензија отишле кај братучедот на вработен во ЦСР Тетово наместо кај вистинскиот корисник

од Вести365.МК Ј.Р.

Вработен во Центарот за социјални работи Тетово И.Е. (42), заработи кривична пријава од МВР за злоупотреба на службената положба и овластување, зашто наместо на корисник на социјална пензија, парите му ги исплаќал на својот братучед Ј.Е.(31). Братучедот пак, доби кривична пријава за помагање.

Вработениот на работното место „оператор за внес на податоци во ЦСР Тетово“, во два наврати во 2022 година пуштил 155 илјади денари на сметката на братучедот, иако парите биле наменети за друго лице кое имало решение за остварување на правото на социјална пензија. Социјалниот број на вистинскиот корисник, бил незаконски поврзан со трансакциската сметка на братучедот на вработениот.

Второпријавениот пак, ги дал на располагање неговите лични податоци, односно неговата трансакциска сметка на првопријавениот со цел противправно да се стекне со парични средства во вкупен износ од 155.500 денари, а за кои немало основa да му се исплатат, информираше МВР.

Слични објави