Македонскта репрезентација до 21 година денеска го имаше последниот контролен натпревар од подготовките за квалификациите за Европско првенство, а истиот помина доста успешно за избраниците на селекторот Драган Канатларовски.
Имено популарниот Цапар, се израдува на голема победа на својот тим кој делуваше навистина сигурен и убедлив на теренот во ФФМ, и прикажаа игра за која Малта едноставно немаше одговор.
Нашите млади фудбалери наметнаа силно темпо уште од самиот старт на натпреварот, а агресивната игра донесе гол уште во десеттата минута, кога Хамза Рамани погоди за 1:0.
Шест минути подоцна, гостите по вторпат ја вадеа топката од сопствената мрежа, овојпат стрелец на погодокот беше Димитар Тодоровски со што само најави уште поубедливата игра и сигурна победа која беше потврдена во продолжението од натпреварот.
Македонија продолжи во ист ритам и во вторите 45 минути, во кои Андреј Стојчевски и Луан Абази погодија за конечни 4:0.
Канатларовски денешниот натпревар го почна со Марко Алчевски, Стефан Деспотовски, Имран Фетаи, Андреј Стојчевски, Методи Максимов, Бехар Фета, Алекс Златков, Хамза Рамани, Иван Николов, Димитар Тодоровски и Марио Илиевски во стартната постава, а резерви беа Михаил Димитриевски, Решат Рамадани, Димитар Трајков, Иван Николоски, Матеј Ангелов, Виктор Крстевски, Ване Крстевски, Луан Абази, Ване Крстевски, Мартин Талаков, Стефан Тасев и Христијан Малески.