Сè уште не е јасно дали синоќа заловеното животно во скопската населба Козле е куче или волк. Во текот на денот ветеринари ќе вршат вонреден инспекциски надзор на Зоолошката градина и ќе утврдат за какво животно станува збор, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од Агенцијата демантираат дека дале изјава за видот на животното, нагласувајќи дека допрва ќе се утврдува дали е куче или волк.
„Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги демантира наводите објавени во неколку интернет портали дека АХВ дало изјава во врска со вчера вечер заловеното животно во скопската населба Козле, за кое се претпоставуваше дека е волк, односно дека истото е домашен миленик – куче, кое е чипирано и кое сопственикот бара да му биде вратено. Од страна на официјални ветеринари на АХВ во текот на денот ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор во зоолошката градина со цел утврдување на видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус“, соопштија од АХВ.
Од Зоолошката градина синоќа објавија на социјалните мрежи дека во скопската населба Козле е забележан волк кој бил чуван како домашен миленик и на себе имал синџир и каивче. Оттаму додадоа дека загрижени граѓани пријавиле, по што била повикана полицијата и стручната служба од Зоолошката градина, која го заловила животното.
Волкот потоа бил безбедно пренесен во Зоолошката, каде ќе биде згрижен и ќе му се обезбедат соодветни услови. Престојниот период ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица, велат од ЗОО Скопје.