Како што пренесуваат грчките медиуми, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ бил забележан во северните предградија на Атина додека разгледувал училишта за своите деца, со намера да ги запише од почетокот на наредната учебна година. Семејството Ѓоковиќ размислува и за други делови од грчката престолнина, во зависност од понудата на училишта и условите за живот.
Според весникот „Газета“, по завршувањето на Ролан Гарос, Ѓоковиќ направил пауза за да се посвети на семејството. Во Атина барал училиште со настава на англиски јазик, а плановите за конечна преселба станале сериозни по вечерата што ја имал во петокот со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во елитната атинска населба Колонаки.
Весникот открива дека Мицотакис му дал целосна поддршка на Новак за можната преселба, која според грчките медиуми би се реализирала по завршувањето на УС Опен во септември.
Преселбата во Атина би се остварила преку грчката програма „Златна виза“, која овозможува петгодишна дозвола за престој на граѓани од земји надвор од ЕУ, под услов да инвестираат во Грција.
„За човек кој зборува дури 11 јазици – српски, англиски, француски, германски, италијански, шпански, арапски, руски, јапонски, португалски и кинески – додавањето уште еден не е едноставно, туку вистински предизвик. Ист како и ловот по 25-та грен слем титула, пред да ја заврши славната кариера и целосно да се посвети на бизнисот, тениската академија и фондацијата“, пишува грчката „Прото Тема“.
Новак Ѓоковиќ е роден во Белград, а од 2005 година живееше во Монако. Со сопругата Јелена е во брак од 2014 година.
За време на пандемијата во 2020 година, се пресели во шпанската Марбеља. Покрај тоа, Ѓоковиќ поседува станови во Белград и Њујорк, каде често престојува, особено во летниот период.