Со победата над репрезентацијата на Малта (2-1), нашата фудбалска репрезентација започна нов квалификациски циклус за Европското првенство во 2024 година во Германија. Иако играа потешко од очекувањата, домашните играчи успеаа во второто полувреме да го скршат отпорот на гостите, и со победа да ги започнеме квалификациите за ЕУРО 2024.
Оваа победа беше особено значајна за нашиот голман Столе Димитриевски, кој ја одигра својата 60-та репрезентативна средба и се израмни по бројот на настапи со легендарниот Петар Милошевски:
„Пред сè сакам да се заблагодарам на Петар Милошевски, една легенда во која сум се огледувал, сум се борел да го достигнам. Денеска беше мојот 60-ти натпревар, исто колку него и затоа фала му за сè, за фудбалот во Македонија, за сè што направил. Горд сум што го постигнав ова, мислам дека тој беше еден од најдобрите голмани во Македонија и дај боже да дојде некој после 10 или 15 години и да ме достигне и мене. Тоа ќе значи дека голманската позиција е одлична за македонската репрезентација“, рече Димитриевски, кој од следниот меч ќе го прземе приматот по број на настапи од осамостојување на Македонија.