Според граѓаните Македонија оди во погрешна насока

Македонија оди во погрешна насока, тоа го покажуваат резултатите од новата анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Сепак овој резултат не е изненадување имајќи предвид дека сите анкети псоелдниве години го покажуваат истото.

Во истражувањето направено во периодот на март и април годинава, дури 56% од македонските граѓани сметаат дека државата се движи во погрешен правец, 29% се неутрални додека само 14% од анкетираните изјавиле дека Македонија се движи во правилна насока.

Најголем проблем за граѓаните е сиромаштијата и нискиот животен стандард, високите цени и економската ситуација генерално, а речиси 80% од испитаниците сметаат дека Владата не се посветува доволно на решавање на овие проблеми.

Скоро две третини од анкетираните изјавиле дека нивните месечни примања не се доволни за да се задоволат потребите, а речиси половина од испитаниците мислат дека во следните две години економската ситуација во земјава ќе се влоши.

Најниска доверба македонските граѓани имаат во обвинителството и судството, каде само 1% од анкетираните имаат целосна доверба во овие институции, додека повеќе од половина од анкетираните имаат целосна недоверба.

Многу ниска доверба има и Државната комисија за спречување на корупцијата, политичките партии, Собранието и Владата. Наспроти ова, граѓаните изразиле најмногу доверба во банките, медиумите, образовните институции, полицијата и општинските власти.

Во поглед на надворешната политика, граѓаните остануваат со високо ниво на поддршка на Европската Унија и НАТО. 79% од граѓаните поддржуваат влез во ЕУ, наспроти 17% кои се против, додека 73% го поддржуваат членството на  Македонија во НАТО, наспроти 21% кои се против тоа.

Анкетата е направена во периодот од 8 април до 4 мај, на репрезентативен примерок од 1.204 испитаници.

Слични објави