Екипата на Вест Хем го совлада Манчестер Јунајтед со 1-0 и му ја искомпликува состојбата на табелата, бидејќи “црвените ѓаволи“ имаат само бод предност од Ливерпул, кој има и натпревар повеќе. Клучниот момент на натпреварот се случи во 27-та минута од мечот кога навидум безопасниот удар на Бенрахма заврши позади грбот на Де Хеа, пред се поради катастрофално лошата интервенција на голманот на Манчестер Јунајтед. Вест Хем и покрај победата, се уште го нема обезбедено опстанокот во Премиер лигата, иако има седум бодови предност пред екипите кои се борат за опстанок, бидејќи конкурентите имаат одиграно натпревар помалку од нив и во игра се 12 бодови до крајот на првенството.
Во денешното дерби Арсенал го победи Њукасл со 2:0. Гостите поведоа во 14. минута, со евроголот на Норвежанецот Мартин Одегард кој шутираше и погоди многу прецизно од 25 метри. Потоа, до крајот на натпреварот двете екипи создадоа бројни шанси. Во првото полувреме, Одегард повторно имаше добра шанса, но неговиот удар од непосредна близина го сопре домашниот голман Ник Поуп. Веднаш на стартот на вториот дел се тресеа рамките на головите на двете страни од теренот. Најпрво по удар со глава Александар Исак ја погоди стативата на Арсенал, а потоа рамката од голот на другата страна го спаси Њукасл. Натпреварот беше решен во 71-та минута, кога Антонио Мартинели упати брза топка која го погоди играчот на Њукасл Фабијан Шар и заврши во мрежата.
Со оваа победа, Арсенал заостанува еден бод зад лидерот Манчестер Сити, а има и натпревар повеќе. Њукасл останува трет, интересно е дека ова беше втор пораз за Њукасл на домашен терен во Премиер лигата оваа сезона.