Панов: Несомнен факт е дека Кирил и Методиј потекнуваат од Македонија

Несомнен факт е дека Кирил и Методиј потекнуваат од Македонија, родени се во Солун. Во житието на Методиј се говори дека тие зборувале чист словенски јазик и дека словенскиот јазик и азбука се креирани од страна на Кирил и Методиј токму врз основа на говорот на македонските Словени. Тоа неспорен факт а сето друго потоа е интерпретација и политизација на нивната дејност вели историчарот Митко Панов.

Според него кај нас, но и во овој дел на Европа 24 мај треба да биде ден на просветата, учениците, учителите. Создавачите на словенската азбука дале придонес и за Македонија и за целиот словенски свет.

Тој во интервју за Република додава дека очигледна е намерата на Бугарија за присвојување на Кирил и Методиј.

– Тоа доаѓа до израз во 19-от век кога под влијание на Русија и градењето на проектот Голема Бугарија ја инкорпорира историјата за Кирил и Методиј претставувајќи ја како дел од тој наратив и да се оправда тој проект а со цел да се инкорпорира Македонија во таа Голема Бугарија. Самите руски автори во тоа време говореле дека азбуката потекнува од Македонија и е создадена врз основа на говорот на македонските Словени во околината на Солун, вели Панов.

Додава дека Методиј дури и работел на заштита на пограничните области од нападите од Бугарија.

– Кирил и Методиј немаат ништо заедничко со Бугарија, ниту ја посетиле ниту имале некаква реакција со бугарската држава. Нивната дејност била насочена наспроти бугарската држава а во тоа време бугарските владетели биле и пагани. Така што христијанизацијата на Кирил и Методиј и словенската азбука биле во функција на обединување на словенскиот свет во контекст на обезбедување рамноправност на Словените со другите народи, изјави Панов.

Тој објаснувајќи го протоколот за историските личности кој што е договорен од историската комисија вели дека е класична политизација.

Нема историска вистина ниту пак има заедничка историја. Кирил и Методиј може да бидат дел од некаква заедничка прослава, но само меѓу Македонија и Бугарија туку и Чешка и Словачка како и Русија. Кирил и Методиј се обединувачи на цела Европа и ние така треба да ги третираме. Не смееме како држава да дозволиме тоа да се национализира без разлика од кого туку да укажеме дека Македонија е заслужна за зачувување на традициите бидејќи по смртта на Кирил и Методиј, во османлискиот период во Македонија  се зачувува преку Охрид и Охридската архиепископија, рече тој.

Додаде дека со промената на самиот наслов на празникот кој стана „ден на бугарската азбука“ се присвои целиот контекст на Кирил и Методиј, иако историскиот контекст покажува сосема нешто друго односно дека нема никаква релација меѓу Кирил и Методиј и Бугарија.

– Бугарите се обидоа да направат друг контекст, односно да покажат дека од седмиот век во Солун биле Бугарите како бугарски Словени но тоа не постои во науката. Но, ја влечат таа генеза за да докажат дека Кирил и Методиј биле Бугари, изјави Панов.

Слични објави