Реванш натпреварот помеѓу Алкалоид и АЕК во финалето од ЕХФ Европскиот куп вчера не се одигра откако ракометарите на грчкиот тим не излегоа на теренот.
Причина за скандалот кој го направи грчкиот тим е незадоволството кај навивачите бидејќи македонскиот претставник не дозволи поголем број гледачи. По порака од своите ултраси ракометарите на тимот од Грција не истрча на терен и сега се чека одлуката на ЕХФ која треба да биде донесена утре.
На социјалните мрежи денеска се огласи првиот човек на Алкалоид, Живко Мукаетов.
„Oгромно БЛАГОДАРАМ од срце на сите кои дојдовте во ‘Борис Трајковски’ да го бодрите Алкалоид кон историскиот успех. Чесно, праведно, спортски и витешки пристапивме кон ова натпреварување. И клубот и прекрасната публика синоќа. Алкалоид ги исполни сите барања на надлежните авторитети во поглед на сите организациски аспекти од синоќешниот настан, кој требаше да биде заокружување на една убава приказна во која е вложен многу труд, напор и ресурси. Се надеваме на одлука според важечките спортски правилници на ЕХФ“, напиша Мукаетов.