Мицкоски од САД: Нови можности за инвестиции и продлабочување на стратешкото партнерство

од Вести365.МК Ј.Р.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја предводи владината делегација во работната посета на САД, денеска во Вашингтон имаше повеќе значајни средби со претставници на американските институции, Конгресот и економскиот сектор, на кои во фокусот беа продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу двете држави, како и отворањето нови можности за економска и инвестициска соработка.

Мицкоски оствари средба со Каролин Вик, главен директор за политики и вршител на должноста главен директор за развој во Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање – DFC, институција што располага со инвестициски капацитет од 205 милијарди долари и претставува значаен инструмент на САД за мобилизирање приватен капитал и инвестиции во стратешки сектори.

На средбата се разговараше за можностите за продлабочување на соработката и потенцијални инвестиции во Македонија во повеќе области, со посебен акцент на енергетиката, високите технологии и други стратешки сектори. DFC во своето работење посебен фокус става на енергетиката, современата инфраструктура и напредните технологии, а по проширувањето на нејзините овластувања располага со значително поголем капацитет за меѓународни инвестиции.

Посетата на Вашингтон беше искористена и за серија политички средби со претставници на американскиот Конгрес.

Претседателот на Владата оствари средба со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД.

На средбата се разговараше за значењето на стратешкото партнерство меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, за заедничките интереси на двете земји, како и за можностите за понатамошно продлабочување на соработката во областите од заемен интерес.

Мицкоски имаше срдба и со конгресменката Клаудија Тини, копретседавач на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД.

Во разговорите беше истакнато значењето на традиционално силните и пријателски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави, како и важноста на парламентарната соработка, политичкиот дијалог и размената на искуства меѓу двете земји.

Серијата средби во Вашингтон претставува продолжување на заложбите за зајакнување на стратешкото партнерство со САД, но и за негово преточување во конкретна економска соработка, нови инвестиции и проекти од интерес за земјава.

Премиерот Мицкоски во рамките на посетата на САД ќе учествува и на годинашното Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк. На маргините на Генерално собрание на ОН предвидени се средби со голем број државници.

МИА

Слични објави