Фудбалската репрезентација на Македонија со победа од 2:1 над Малта го стартуваше новиот циклус квалификации за пласман на ЕП 2024. Елмас и Чурлинов беа стрелци на головите за нашиот национален тим.
Селекторот Благоја Милевски пред крајот на мечот доби црвен картон затоа што го напушти просторот за водење на тимот крај клупата.
– Добив црвен картон затоа што сум го напуштил просторот за водење на тимот крај клупата. За тоа се добива жолт картон, но ете јас поцрвенев. Сакам да им честитам на момците, за енергијата, за желбата и тактичката дисциплина што ја покажаа на овој натпревар. Ваквите мечеви со ривали како Малта се најопасни. Најважно е дека победивме, а од натпревар во натпревар сме сѐ подобри. За жал, имаме повреди. Ѓоко Зајков со итна помош е одведен во болница, а Адеми се повреди на последниот тренинг, изјави селекторот Благоја Милевски.
Репрезентативецот Елиф Елмас кој даде придонес за победата над Малта рече дека најважно е Македонија да победува.
– Најважно е што победивме! Секогаш првиот меч е тежок и знаевме дека ќе биде тешко. Знаеше и Малта што ги очекува, но одиграа нивен фудбал, каков што ние не сме навикнати да гледаме од една таква мала земја да игра вака фудбач. Сепак, за нас беше најважно да ги земеме трите бода и во тоа успеавме. Знаевме што значи да се почне со победа“, рече Елиф Елмас.