Можеби е добро што Малта е првиот противник на репрезентацијата на Македонија во квалификациите за пласман на ЕП 2024 година. Победа дополнително ќе ја крене самодовербата пред тешките дуели со фаворитите Англија, Италија и Украина. Очекувањата се почеток со три бода, со оглед дека Малта е тотален аутсајдер во групата.
Против вечерашниот ривал, против кој се отвораат квалификациите за ЕП 2024, Македонија извојувала пет победи, а една било нерешена, и тоа на последниот меѓусебен дуел во Ла Валета во август 2010 година. Вкупната гол-разлика е 15-2.
Првиот дуел против Малта, Црвено-жолтите го имаа во 1996 година во Прилеп, а на дождливото време извојувана е победа од 1-0 со гол на Саша Ќириќ.
Формата на репрезентативците во клубовите не е онаква каква што посакува селекторот Благоја Милевски, но уверен е дека ќе склопи квалитетен тим кој на крајот ќе ги запише трите бода од вечерашниот дуел. Како што најави на вчерашната прес-конференција, Малта е добро анализирана, но имаат нов селектор па можни се и некои изненадувања од страна на противникот.
Милевски, сепак, очекува квалитетот на Македонија да биде покажан на терен, и на крајот да се дојде до триумф. Внимателен, како и секогаш, влегува во оваа пресметка со аутсајдерот.
„Правевме анализи од последните четири меча. Тоа што го победија Израел и играа нерешено со Грција, покажува дека се незгодни. Меѓутоа верувам дека сето она што ќе се случува на теренот зависи од нас самите. Ја научивме лекцијата од минатите натпревари и смета мдека сега ќе имаме повеќе од успешен старт. Фаворити во денешниот фудбал нема. Ќе дадеме максимум на секој меч. Малта е во подем, но имаме квалитет да дојдеме до победа“, рече вчера Милевски.
За капитенот Стефан Ристовски, Малта е противник по мерка да за да се стартува со победа во квалификациите.
„Овој противник за нас е по мерка да ги почнеме квалификациите со победа и тоа е најважно во моментов. Имаме квалитетни репрезентации, два фаворити дури за освојување на ЕП. Чекор по чекор одиме, да отвориме со три бода што ќе ни даде мотив за следните натпревари. Долго време не можевме да се собереме сите поради повреди поради што не бевме комплетни. Мило ми е што сега сите сме тука и се надевам дека низ квалификациите ќе бидеме здрави“, ијзави Ристовски.
Во нашата група вечерва играат уште Италија и Англија, додека Украина е слободна.