Ракометната репрезентација на Македонија денеска од 18:00 часот ќе го одигра претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство и тоа на гостински терен во Талин против селекцијата на Естонија.
Победата е единствениот прифатлив исход за избраниците на Кире Лазаров, кои се наоѓаат во одлучувачка фаза од овој квалификациски циклус. По вчерашниот триумф на Словенија над Литванија, патот до пласман на ЕП сега е целосно во рацете на Македонија.
Првиот чекор е денешниот натпревар со Естонија, селекција која иако нема ниту една победа во овие квалификации, сепак покажа дека знае да биде незгоден противник. На домашен терен загуби минимално од Словенците, додека во Скопје, Македонија славеше со четири гола разлика.
Нашите репрезентативци ќе мора да бидат максимално сконцентрирани и тактички подготвени, особено имајќи ги предвид проблемите со повредени играчи како Марко Митев, Мартин Велковски, Марко Стојковиќ и Цветан Кузманоски.
За Македонија е важно што вчераа Словенија ја совлада Литванија, па сега сами одлучувааме за пласманот на Европското првенство за кој потребно е да славиме денес, но и в недела дома против Литванија, меѓутоа против Литванците мораме и со повеќе од три гола разлика.