Фудбалерите на Севиља го освоија трофејот во Лигата на Европа, откако подобро изведуваа пенали од Рома (1-1, 4-1 пен.). Натпреварот на „Пушкаш Арена“ во Будимпешта понуди огромна борба на двата тима, шанси пред двата гола и тактичко надмудрување на двајцата тренери.
Специјалистот за ова натпреварување, екипата од Андалузија успеа да му го нанесе првиот пораз на Жозе Мурињо во европските финалиња. За оваа средба Мендилибар се одлучи за истиот тим од полуфиналето со Јувентус, освен што го немаше суспендираниот Акуња. Мурињо пак, изненади со одлуката од првата минута да игра Пауло Дибала кој зад себе имаше многу проблеми.
Средбата очекувано тргна без вистински ритам, се играше главно на средината од теренот и немаше многу простор за офанзивниот арсенал на двата тима. Една пукнатина во одбраната на шпанскиот тим донесе колосална шанса за римјаните, меѓутоа Леонардо Спинацола иако беше осамен на пеналтикот биеше лошо и во голманот Боно. Рома по половина час игра очекуваше да добие пенал, бидејќи Тами Абрахам доби удар в глава од Немања Гудељ, меѓутоа Србинот играше и со топка па немаше најстрога казна.
Резултатот беше отворен во 35-тата минути игра, преку Пауло Дибала. Аргентинскиот ас доби идеална топка од Манчини низ одбраната, па во свој стил со добар удар го матира Боно за 0-1. До полувремето Севиља можеше да дојде до израмнувачки погодок, откако мала минијатура изведе Иван Ракитиќ. Хрватскиот играч за врска покажа каква техника поседува, па со одличен удар ја погоди стативата во шестата минута од судиското продолжение.

На стартот на вториот дел на теренот истрча многу поофанзивна Севиља. Мендилибар веднаш ги уфрли своите „џокери“, Ламела и Сусо по крилата. Иницијативата беше за Шпанците, а бргу пукна отпорот на четата на Мурињо. Во 55. минута акцијата се одвиваше по десната страна, Хесус Навас нафрли на петерецот. Стоперот Џанлука Манчини размислуваше само како да го затвори Ен-Несири, па топката го погоди и го измами Патрисио за 1-1. Во продолжението се продолжи со поцврста игра, имаше по некоја шанса на двете страни, меѓутоа во централна улога беше судијата Ентони Тејлор и ВАР собата.
Прво Севиља доби пенал по еден старт на Ибањез, но одлуката се смени кога Англичанецот беше повикан да ја види ситуацијата. Спорен момент имаше и на спротивната страна, бидејќи по центаршут топката го погоди Фернандо во рака, ама судиите останаа неми. Рома беше поблизу до погодок, во една мешаница се обидоа Абрахам и Ибањез, додека најзрелата шанса ја имаше Андреа Белоти од зицер позиција.
Продолженијата од двапати по 15 минути не понудија којзнае каква игра. Очекувано, екипите беа сè попретпазливи и не преземаа непотребни ризици. Темпото беше ниско, имаше доста прекини и како сите да чекаа да дојде време за пенали. Најблизу до гол во продолжението беше Смолинг, по еден корнер во 131-та минута бидејќи со глава погоди пречка. По долгото судиско надополнување, мечот конечно влезе во пенал серијата.
Прв одговорноста ја презеде Окампос и рутински го матира Патрисио, додека за „волчицата“ погоди Кристанте. Севиља дојде до предност бидедјќи по погодокот на Ламела, Боно го одбрани ударот на Манчини. На тоа сигурно одговори капитенот Ракитиќ, а потоа уште еден стопер на Рома промаши, овојпат Ибањез. Точка на финалето стави Монтиел, од својот втор обид го матира Патрисио за конечните 4-1.