Лајен од Стразбур: План за најнапредните кандидати за членство во ЕУ

од Вести365.МК Ј.Р.

Европската комисија ќе предложи план за најнапредните земји кандидати за членство во Европската Унија, објави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во нејзиното обраќање за состојбата на Унијата денеска во Стразбур.

„Треба одново да ги придобиеме срцата на Европејците. Да го разбудиме кај нив чувството на припадност кон нешто поголемо од нас самите. Чувството дека припаѓаме на заеднички дом. Довербата дека ние Европејците секогаш ќе бидеме еден покрај друг. Бидејќи е доволно да погледнеме подалеку од нашите граници за да разбереме колку е жива европската идеја. Доволно е да ги погледнеме Украина и Молдавија. Доволно е да го погледнеме Западниот Балкан. Доволно е да ги погледнеме сите тие земји блиску до нашата Унија“, рече фон дер Лајен.

Според неа, иднината на тие држави е во ЕУ и затоа ЕК наскоро ќе предложи план за најнапредните кандидати.

„Процесот ќе остане базиран на заслуги, а почитувањето на европските вредности нема да биде предмет на преговори“, рече фон дер Лајен.

„Бев шокирана од снимката од погребот на Ратко Младиќ во Белград минатата недела. Тој изврши некои од најбруталните злосторства против човештвото. Глорификацијата на воените злосторници едноставно нема место во Европската Унија. Сите жртви на војните во поранешна Југославија заслужуваат да бидат запаметени, а сите нивни семејства заслужуваат наше сочувство. Бидејќи тоа е она за што се залагаме како Унија: вистина, правда и почитување на нашите вредности“, нагласи фон дер Лајен.

Таа, исто така, истакна дека ЕУ е создадена како мировен проект.

„Никогаш да не го заборавиме раѓањето на нашата Унија. Народите кои се бореа толку долго се здружија за да изградат заедничка судбина. Судбина на мир и просперитет, на демократија и слобода… Нашите несовршености, нашата различност и нашите разлики остануваат. Но, тие се она што ја прави Европа наша Европа. Наш заеднички дом“, заклучи претседателката на ЕК.

Слични објави