Копа Америка во сенка на ЕП: Прва победа за Меси и Аргентина

од Вести365.МК | М.Т.

Лионел Меси забележа уште едно достигнување во својата блескава кариера, соборувајќи го рекордот за најмногу настапи на Копа Америка, учествувајќи на турнирот по 35-ти пат. Бранителот на титулата Аргентина го започна овогодинешното издание на натпреварувањето со победата од 2:0 над Канада во првиот натпревар од групата А.

Триесет и шест-годишниот Меси дебитираше за Копа Америка во 2007 година на 20 години, а во 2021 година триумфираше со титулата. Тој е најдобар стрелец на сите времиња во Аргентина и играч со најмногу настапи за националниот тим.

Меси досега има запишано 13 гола и 17 асистенции во завршницата на Копа Америка.

Натпреварот против Канада во Атланта (САД) беше неизвесен, но светскиот шампион Аргентина доминираше во поголемиот дел од времето и заслужено победи.

Двата гола на натпреварот пристигнаа во вториот дел. Хулијан Алварез го отвори резултатот во 49. минута по додавањето на Алексис Мекалистер, а Лаутаро Мартинез зголеми на 2:0 во 88. минута по асистенција на Лионел Меси.

Самиот Меси имаше две одлични прилики за гол, но тие не беа реализирани.

Во почетниот состав на Аргентина имаше осум играчи кои беа дел од стартните единаесет за финалето на Светското првенство во 2022 година против Франција.

-Знаевме дека ќе биде тежок натпревар. Канада е тежок противник и натпреварот беше многу силен физички. Во првото полувреме имаше малку простори, но по паузата се снајдовме подобро, го прокоментира Меси дуелот.

Во групата „А“ се и Чиле и Перу. Во следниот натпревар Аргентина ќе се соочи со Чиле на 26 јуни.

Копа Америка се одржува во САД и ќе трае до 15 јули. Во него учествуваат 16 екипи поделени во четири групи. Двете првопласирани селекции од секоја група ќе се пласираат во елиминациите

Слични објави