Квалификации за ЕУРО 2024: Италија поразена дома, Роналдо и Кејн со рекорди

од Вести365.МК | А.П.

Англиската фудбалска репрезентација ја победи Италија со 2:1 во најитересниот вечерашен меч во групата Ц, во квалификациите за ЕУРО 2024 во Неапол, во репризата од финалниот натпревар од последното Европско првенство. Во првото полувреме, Англија поведе со голот на Деклан Рајс, а во 42-та минута, гостите добија пенал по играњето со рака на Џовани Ди Лоренцо. Судијата Срѓан Јовановиќ прво сигнализираше дека играта треба да продолжи, но по повик од ВАР-собата ја смени одлуката., и гостите преку Хари Кејн го искористија пеналот за да израмнат. Тоа беше негов 54-ти гол во дресот на Англија, со што стана најдобар стрелец во историјата на „Гордиот Албион“. По него е Вејн Руни со 53 погодоци, додека на третото место е Боби Чарлтон со 49 гола. Во второто полувреме, Италија успеа да намали во 56 минута, а голот го постигна 23-годишниот Матео Ретеги во првиот настап во дресот на „Аѕурите“.

Ова е прва победа за Англија како гостин во дуелите со Италија по речиси 62 години. Последен пат „Гордиот Албион“ славел против „Аѕурите“ на Апенинскиот полуостров во 1961 година и тоа со 3:2. Ова воедно беше и прв пораз на Италија по 40 натпревари на домашен терен во квалификации за Европски првенства.

Во вториот натпревар од оваа група, нашата репрезентација со идентичен резултат 2:1 ја победи репрезентацијата на Малта. Сите три гола дојдоа во вториот дел, Ељиф Елмас во 66-та и Дарко Чурлинов во 72-та минута погодија за македонската селекција а Јаник Јанкам во 86-та минута за гостите од Малта.

Покрај рекордот на Кејн, ова беше вечер и на Роналдо. Кристијано Роналдо постави рекорд со најмногу настапи за Португалија на натпреварот против Лихтенштајн, каде што тимот рутински победи со 4:0. Роналдо играше од првата минута и го оствари својот 197-ти настап во националниот дрес, со што го надмина претходниот рекордер Бадер Ал Мутава од Кувајт. Роналдо постигна два гола во триумфот од 4:0 над Лихтенштајн. Останатите два гола ги постигнаа Жоао Кансело и Бернардо Силва.

Кристијано Роналдо, Португалија

Во останатите натпревари од квалификациите за ЕУРО 2024, Босна и Херцеговина ја победи Исланд со 3:0 со головите на Раде Круниќ и Амар Дедиќ. Данската репрезентација ја победи Финска со 3:1, а херој на домашната победа беше Расумс Хојлунд со три гола.

Натпреварот помеѓу репрезентациите на Словачка и Луксембург заврши без голови, а Словенија го победи Казахстан со 2:1. Максим Самородов донесе водство на Казахстан во 24-та минута, но репрезентацијата на Словенија успеа да го сврти резултатот во вториот дел со головите на Давид Брекало и Жан Випотник. Северна Ирска на гости го совлада Сан Марино со 2:0, а стрелец на двата гола беше Дион Чарлс.

Резултати:
Група Ц
Италија – Англија 1:2
Македонија -Малта 2:1

Група Х
Казахстан – Словенија 1:2
Данска – Финска 3:1
Сан Марино -Северна Ирска 0:2

Група Ј
БиХ – Исланд 3:0
Словачка – Луксембург 0:0
Португалија – Лихтенштајн 4:0

Слични објави