Забрана за ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија, не смеат да играат ракомет, казни и за раководни лица

Ракометната Федерација на Македонија реагираше со драконски казни по срамниот натпревар помеѓу ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија, во кој намерно се даваа автоголови и се утнуваа чисти ситуации.

Сега двата клуба се исклучени од страна на РФМ.

РФМ ги избриша ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје од македонските натпреварувања, нагласувајќи дека тие нема да имаат право да играат во било кој настан организиран од страна на РФМ.

Покрај изречените казни за клубовите, суспензии добија и официјалните и овластените лица, како и делегатот на натпреварот кој не ја стопирал играта.

Валентина Радуловиќ како претседател на ЖРК Скопје доби двегодишна суспензија за вршење на ракометна функција, а истото важи и за тренерот на екипата, Веселинка Треноска.

Јулија Беќарова како претседателка на ЖРК Гевгелија исто така ќе биде во ракометен пост две години, додека делегатот Митко Ѓоргиевски е казнет со забрана за вршење на својата функција во период од шест месеци.

Министерството за спорт се огласи за казните во врска со срамниот ракометен натпревар помеѓу ЖРК Скопје и ЖРК Гевгелија.

Во врска со последните случувања во ракометниот Куп на Македонија во женска конкуренција, по одигрувањето на Женската ракометна лига за сезоната 2024/2025 и појавата на неспортско однесување од страна на ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје на Куп натпреварот во групната фаза, Ракометната федерација на Македонија, по спроведена дисциплинска постапка, констатираше активности од страна на двете екипи кои се спротивни на начелото на фер-плеј, предизвикувајќи нарушување на спортскиот дух, спортскиот интегритет и витештво што е во целосна спротивност со Кодексот на ракометните клубови при РФМ и спротивно на Олимписката повелба

Истото резултираше со исклучување на двете екипи од Ракометната федерација на Македонија и изрекување мерки на суспензија за повиканите официјални лица.

По изрекувањето на овие мерки од страна на РФМ, Министерството за спорт, во законска постапка, им ги поништи решенијата за дејност спорт на ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје со што тие повеќе немаат легитимитет да настапуваат во националниот систем на натпревари во македонскиот ракомет.

Министерството за спорт и Ракометната федерација на Македонија ја користат оваа прилика да упатат порака до сите спортски чинители да бидат одговорни на спортските борилишта што значи почитување на спортските правила кои се резултат на меѓународни консензуси во дејноста спорт и секогаш да бидат подготвени да го сочуваат спортскиот дигнитет, зашто преку спортот, како општо препознатлива вредност, покрај останатите придобивки, се претставува и афирмира македонскиот спорт во меѓународни рамки и се јакне националната свест.

Слични објави