Евролига: Црвена Звезда со победа над Басконија му направи услуга на „вечниот“ ривал Партизан, пораз на Ефес

од Вести365.МК | А.П.

Во првиот натпревар од вечерашната програма во Евролигата, Кошаркарите на Црвена Звезда со 74-63 го совладаа шпанскиот состав Басконија и му се одмаздија за убедливиот пораз во нивната прва пресметка оваа сезона (92-75). И покрај вечерашната победа, Црвена Звезда е без шанси за пласман во плеј-офот бидејќи во последниот период бележеше лоши резултати и на последните пет средби има дури четири порази.

Но, овој успех на српскиот шампион оди во прилог на неговиот најголем ривал Партизан, бидејќи Басконија грчевито се бори за место меѓу најдобрите осум, а со овој пораз падна на деветтата позиција. Во финалните десет минути момците на Ивановиќ искусно ја сочуваа предноста и заслужено стигнаа до својата тринаесетта овосезонска победа, иако шпанскиот тим подобро започна и имаше предност во првата четвртина, во следните две четвртини Црвена Звезда со гранитна одбрана прими само 23 поени и го презеде водството.

Најефикасен кај „црвено-белите“ беше Недовиќ со 20 поени, додека кај екипата на Басконија се истакна Томпсон со 15 поени. На четири кола до крајот на лигашниот дел во Евролигата, Црвена Звезда е на 14. место, додека Басконија ќе ја продолжи битката за плеј-оф со екипите на Партизан, Жалгирис и Ефес.

Актуелниот европски шампион Анадолу Ефес загуби на гостувањето кај Алба Берлин со 95:93 и си го закомпликува настапот во плејофот. Турскиот тим по 30 кола е 11-ти на табелата со скор од 14 победи и 16 порази, и во пресрет на последните четири кола од регуларниот дел од сезоната игра се полошо. Анадолу Ефес вечерва го доживеа четвртиот пораз во последните пет кола.

Натурализираниот хрватски репрезентативец, Џајлен Смит беше најдобар кај Алба со 25 поени, а кај екипата на Ефес, Василије Мициќ постигна 30.

Анадолу Ефес

Во останатите натпревари Барселона славеше на гостувањето кај Панатинаикос со 88:74, додека голем исчекор кон пласман во плејофот направи и Макаби Тел Авив со победата над Асвел од 85:67.

Слични објави