Специјалниот Апелациски суд против корупција и организиран криминал денеска потврди дека градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, ќе остане во притвор. Одлуката е донесена по жалбата на Велиај, кој побараше замена на мерката „затворски притвор“ со поблага, истовремено нудејќи и финансиски гаранции, пренесуваат медиумите во Албанија.
Велиај не присуствуваше на денешната седница, но според законот, одлуката може да се оспори пред Врховниот суд во рок од 45 дена од нејзиното објавување.
Градоначалникот на Тирана е во притвор од 10 февруари, откако беше уапсен од страна на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК). Истрагата врз него се однесува на сомневања за корупција, перење пари и лажно пријавување имот.
Ерион Велиај ја раководеше Тирана од 2015 година. Пред да стане градоначалник, тој беше министер за труд и социјална политика, како и пратеник во албанскиот парламент. Неговото апсење и задржување во притвор предизвикаа големо внимание во јавноста и медиумите, бидејќи се работи за еден од највисоките функционери под истрага за тешки кривични дела во Албанија.