За јубилејниот 20. „Виз Ер Скопски маратон“ кој ќе се одржи на 6 октомври, во недела, се пријавени рекордни 13.400 учесници од 55 земји. Ова на денешната прес-конференција го соопшти Кире Синадиновски, директор на маратонот.
Покрај традиционалната маратонска трка (42.195 км), на Скопскиот маратон како и секоја година ќе се трча и полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, како и трката за рекреативци на 5км, како најмасовната трка од сите.
По 20. пат се одржува Виз Ер Скопскиот маратон, најмасовниот спортски настан кај нас, кој што Скопје и Македонија ги става на светската тркачка мапа. Овој настан не би можел да биде одржан без помош на Министерството за внатрешни работи, на Министеството за спорт, кое што покажа исклучително разбирање, Министерство за одбрана, Црвениот крст на град Скопје, Службата за итна медицинска помош и спонзорите. Оваа година има рекорден број учесници, изјави Зоран Стојановиќ, Претседател на Сојуз на спортови на Скопје.
Организаторите потсетуваат за претстојното Виз Ер Маратон Експо, кое ќе трае од 04.-05.10.2024 (петок-сабота) во СЦ Јане Сандански во Скопје.
Од името на министерството можам да изразам едно задоволство што оваа година ќе бидеме дел од Скопскиот маратон. Не знам како било во минатото, но можам да кажам дека овој маратон ќе ја има поддршката, бидејќи гради исти вредности што ние сакаме да ги вметнеме во нашата држава. Иако се работи за рекреативен настан, она што нас како министерство ни е од интерес е што врзувате многу луѓе и има многу учесници. Негуваме исти вредности по кои сака да се води и Министерствто за спорт и да бидеме пример во општеството и можам јавно да кажам дека маратонот ја има нашата целосна поддршка. Се надевам дека и годинашниот маратон ќе биде успешен како и сите досегашни и стоиме на располагање за сѐ она што можеме да го помогнеме, изјави министерот за спорт, Борко Ристовски.
Синадиновски кажа дека во сите четири трки, рекреативната трка од 5 км, маратонот, полумаратојот и штафетниот маратон е зголемен бројот на учесници во однос на минатите изданија.
Можам да најавам дека ќе учествуваат неколку елитни натпреварувачи од Кенија и се надевам дека ќе бидат срушени рекордите на патеките. Оваа година имаме мала измена на патеките во однос на минатите години, но стартот останува на исто место, пред Собранието на Република Македонија. Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон ќе трчаат накај населбата Хром, по улицата Теодосиј Гологанов, по што кај Хром ќе свртат полукружно, се враќаат назад во центарот на градот, каде продолжуваат покрај Тутунски комбинат, на Трета македонска бригада, по што ќе свртат лево, по улицата Васко Карангелевски, кај Мајчин Дом, па потоа по Булевар Србија десно, тука вртат полукружно, по што се враќаат на Тобако 2 и по Булеварот Јане Сандански, се враќаат повторно на Трета македонска бригада и завршуваат на Порта Македонија, на плоштадот во Скопје. Ова е првиот круг за полумаратонот, додека маратонците уште еднаш ќе го свртат истиот круг. Додека патеката за трката на 5 км, стартот е исто пред Собранието, по што натпреварувачите трчаат во правец на населбата Аеродром, односно кај Тутунски комбинат вртат лево, по Трета македонска бригада и кај Супермаркетот Тинекс свртуваат полукружно и се враќаат повторно назад на плоштад Македонија, каде што е целта, изјави спортскиот директор на Скопски маратон.
Голема помош на целосната организација даваат и сите пријавени 600 волонтери, кои ќе бидат вклучени традиционално во реализацијата на овогодинешното јубилејно издание, но секако и сите поддржувачи и покровители на овој голем настан.
Оваа година имаме и Маратон Експо, при што од утре почнува издавањето на стартни пакети. Воведуваме и новина, каде што секој учесник треба да дојде со QR кодот што му е испратен на мејл, за да си го подигне стартниот пакет. Очекувам дека и покрај најавите за променливи временски услови во недела, дека сепак ќе имаме добро време и дека ќе имаме успешна трка, дополни Синадиновски.
Организаторите уште еднаш ги повикуваат сите во недела да ги бодрат тркачите и да ја споделат позитивната енергија на јубилејното издание на можеби омилениот спортски настан во државата.
Низ годините, Сојузот на спортови на Скопје, поддржуван од Јавните претпријатија и од тогашната Агенција за млади и спорт и Делгацијата на ЕУ помогнаа да се подигне рекреацијата и масовното трчање на едно високо ниво. Оваа година имаме 13.440 натпреварувачи, при што за прв пат имаме приближен број на женски и машки учесници, односно околу 48 проценти се жени, а околу 52 отсто се мажи. Ова е глобален проблем, но Сојузот на спортови на Скопје преку своите програми успеа да мотивира да се пријават повеќе жени и да има повеќе учесници од повеќе старосни категории. Покрај рекреативниот карактер на манифестацијата, со текот на годините се натпреваруваа и врвни маратонци, а имавме дури и учесник на Олимписките игри во маратонската дисциплина. Се радувам што имаме и голема поддршка од медиумите и дури 60 проценти од спорстките новинари се директни учесници во маратонските и полумаратонскитев трки и посакувам и оваа година да видиме што поголем број новинари на стартот на трките. Исто така, ги повикувам сите оние што не се во можност да трчаат годинава, да се појават долж патеката и да ги бодрат натпреварувачите, изјави Гордана Кузмановска Николовска од Сојуз на Спортови – Скопје.
Главен покровител на Скопски маратон е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје.