Долгот кон вториот пензиски фонд е создаден многу претходно – изјави денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски одговарајќи на прашање на пратеникот Јован Митрески за долг од, како што тврди, околу 40 милиони евра кон вториот пензиски фонд.
Ако зборувате за ревизорскиот извештај, тој е за 2024 година, ако добро паметам таа Влада дојде некаде во јуни месец, Буџетот што беше изгласан беше од претходната Влада, и во тоа време не бил сегашниот директор. Бил некој друг, така што тие средства што ги читате долго е создаден многу претходно, а средства Собранието кое што го гласа буџетот не биле обезбедени за да се сервисираат сите оние обврски. Секој ревизорски извештај инаку, е процесиран и до Владата, разгледан направен акциски план на истиот, се постапува соодветно препоораките кои се дадени согласно државниот завод за ревизија – изјави Велковски.
Митрески изнесе тврдење дека долгот кон вториот пензиски фонд изнесува од 40 до 57 милиони евра и дека за сите вработени родени од 1 јануари 1967 година, односно за околу 650 000 граѓани не се навреме префрлени пари во вториот пензиски фонд. Пратеникот се повика на ревизорскиот извештај во кој се наведува дека за јануари и за февруари 2026 година долгот кон вториот пензиски фонд изнесувал 40 милиони евра, а потоа посочи дека тој до овој месец се зголемил. Според него, заклучно со 31 октомври долгот кон вториот пензиски фонд изнесува 51 милион евра.
Го праша Велковски кога ќе ги разреши директорот и неговиот заменик во Фондот за пензиско осигурување, а претседателот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување Ремзи Бајрами дали за оваа состојба го известил Министерството за финансии, Владата и Обвинителството.
Велковски одговори дека Владата ги именува и ги разрешува директорот на Фондот за пензиско, на што Митрески го цитираше законот дека и министерот може во одредени случаи да ги разреши.
Бајрами, пак, во одговорот кажа дека повремено се доцни со исплатата во вториот пензиски фодн, но дека не се надминуваат законските рокови.
Во законските рокови Министерството за финансии врши трансфер. Понекогаш има и задоцнување, меѓутоа не ги надминува законските рокови коишто се утврдени со закон. Последниот трансфер беше на 4,5 и 7 овој месец. Значи префрлени се над 20 милиони евра во пензиските фондови и ова повеќе припаѓа на Министерството и пензискиот фонд – рече Бајрами.
Митрески му врати дека долгот кон вториот пензиски фонд заклучно со 10 ноември е 47 милиони евра и дека во законот пишува дека ако не се префрлат парите веднаш или во рок од пет дена треба на граѓаните членови на вториот столб да им се пресмета надомест. – Никогаш не е пресметан. Со тоа се оштетени сите членови – рече Митрески посочувајќи дека граѓаните по овој основ можат да покренат тужби.