Барса со шпалир, се збогува со легендите Бускетс и Алба!

Фудбалерите на Барселона покрај победата од 3-0 над Мајорка, заедно со навивачите останаа на „Камп Ноу“ и по завршниот свиреж на судијата за да им изразат посебна почит на клупските легенди Серхио Бускетс и Жорди Алба, кои го играа последниот домашен натпревар во дресот на каталонскиот гигант.

Двајцата шпански ветерани, најпрво се повлекоа кон соблекувалната, а потоа еден по еде, низ почесен шпалир што им го направија претседателот Лапорта, тренерот Чави, членовите на стручниот штаб и сите фудбалери на каталонците, повторно се вратија на теренот.

„За мене беше гордост да се носи дресот на Барселона. На овој ден, ќе се потсетам на една специјална личност што ме доведе во 2011 година – Тито Виланова. Голема благодарност до моите соиграчи, од кои научив многу. Горд сум што сум член на Барселона“, изјави Жорди Алба.

Потоа Бускетс, кој најверојатно ќе се пресели во МЛС-лигата и ќе го облече дресот на Интер Мајами, каде газда е Дејвид Бекам, го превзема микрофонот:

„Благодарност до сите оние кои беа дел од оваа авантура, соиграчи, тренери, навивачи, персонал во клубот. Уште од мал сонував да играм на овој стадион, затоа и чувствувам таква гордост што сум дел од најголемиот клуб во светот, тоа е нешто што никој не може да ми го одземе. Сега заминувам, но мојот детски сон е исполнет. Ова не е збогум, сигурен сум дека ќе се видиме повторно“, порача Бускетс, поздравен со овации од трибините.

Слични објави