Игор Јуриќ од Центарот за исчезнати и малтретирани деца за Радиотелевизија Србија кажа дека државата е во голема мера одговорна за киднапирањето и убиството на 14-годишното девојче во Македонија.
Тој посочува и дека има многу нелогично во целиот случај и дека е неодговорно на почетокот на истрагата да се обвинува таткото на убиеното девојче.
Јуриќ за РТС изјави дека реакцијата на јавноста е очекувана, но дека смртната казна не е одговор на ваквите злосторства, туку дека работите треба да се спречат и да се разговара за превентивни мерки.
Јуриќ вели дека лица од Македонија му потврдиле дека осомничениот за кривичното дело е човек кој неколкупати бил обвинет за разни тешки кривични дела, дека имало закани и малтретирање.
„Можам слободно да кажам дека на некој начин беше под заштита на државата. Можам да потврдам дека државата е на некој начин и во голема мера одговорна за тоа што се случи“, нагласува Јуриќ.
Тој нагласува дека поради ова е крајно опасно да се обвинува родителот.
„Не можам да се помирам со фактот дека еден родител, еден татко е подготвен на кој било начин да го предаде своето дете, да го продаде за толку тешко кривично дело. Во случај да се докаже дека тоа е вистина, најтешката можна казна мора да биде за таткото на девојчето“, смета Јуриќ.