Франција се подготвува за нов викенд на масовни протести, а властите предводени од претседателот Емануел Макрон воведуваат строги безбедносни мерки, вклучително и полициски час, забрани за демонстрации и засилено полициско присуство. Целта, според властите, е да се спречат грабежите и уништувањето имот што ги придружуваа претежно мирните протести минатата недела.
Мерките предизвикаа остри реакции од организациите за човекови права, синдикатите и адвокатите, кои ги оценуваат како репресивни, пренесува британски „Гардијан“.
Студентските организации и синдикатите најавија собири низ целата земја. Главниот студентски синдикат УНЕФ повика на демонстрации, додека движењето „Жолти елеци“ пријавило протестен марш низ центарот на Париз.
Протести се очекуваат и во Орлеан, каде што Марин Ле Пен организира конгрес на крајнодесничарската партија Национален собир. Според најавите, таму би можеле да се соберат до 30.000 контрадемонстранти. објави Скопје1.мк
Во Париз и повеќе други француски градови веќе е воведен ноќен полициски час. Во Марсеј и Лион, вториот и третиот по големина град во земјата, сите демонстрации се забранети за време на викендот.
Властите во Марсеј првично најавиле и целосен прекин на јавниот превоз во сабота, но ја повлекле одлуката по негативните реакции.
Во француската престолнина, демонстрантите ќе смеат да се движат само по однапред определена маршрута меѓу плоштадите Бастилја и Насион.
Поради страв од нови инциденти, бројни продавници, компании и туристички објекти преземаат дополнителни мерки за заштита, а дел од нив ќе останат затворени. Деловните здруженија во Марсеј ги советувале трговците да ги обезбедат своите објекти и да не работат за време на викендот.
Во Париз ќе биде затворен и музејот „Лувр“, додека уметничкиот саем „Арт Базел Париз“ ќе заврши порано од планираното.
Покрај ограничувањата за јавните собири, француската влада најавила дека бројот на полициски службеници распоредени на улиците ќе биде зголемен за 20 проценти.
Макрон одржал состанок на Советот за безбедност со клучните министри, а најавен е и состанок на Советот за одбрана, на кој ќе се разгледуваат дополнителни полициски мерки.
Францускиот претседател, исто така, треба за првпат да ги прими претставниците на протестното движење на разговори во Елисејската палата, во обид да се намалат тензиите пред најавените демонстрации.