Во Србија е во тек изборниот молк, кој ќе трае до недела во 20 часот, кога ќе бидат затворени избирачките места. На изборите учествуваат 18 изборни листи, а право на глас имаат околу 6,45 милиони граѓани, кои ќе избираат 250 пратеници во Народното собрание.
Гласањето ќе се одвива на вкупно 8 392 избирачки места, од кои 93 ќе бидат отворени во странство.
Во Босна и Херцеговина ќе функционираат 27 избирачки места, а за гласање се пријавени околу 20 000 српски државјани. Повеќе од 90 отсто од нив се во Република Српска, изјави генералниот конзул на Србија во Бања Лука, Милош Вујиќ.
За време на изборниот молк е забрането претставување на кандидатите и нивните програми во медиумите и на јавни собири, повикување на граѓаните да гласаат или да не гласаат за одредена изборна листа, како и објавување процени за изборните резултати пред затворањето на избирачките места.
За прекршување на правилата се предвидени парични казни. Правните лица може да бидат казнети со од 100 000 до 600 000 динари, одговорните лица во медиумите со од 50 000 до 150 000 динари, одговорните лица во правните лица со од 20 000 до 50 000 динари, а физичките лица со од 10 000 до 40 000 динари.
Меѓу 18-те изборни листи што се натпреваруваат за местата во српското Собрание се „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, „Ивица Дачиќ – Фактор на стабилноста“, „Студентска листа – Студентите победуваат“, „Расим Љајиќ – Човечки (СДП–ЦДП)“ и „Сојуз на војводинските Унгарци – д-р Балинт Пастор“.
На изборите учествуваат и „Усаме Зукорлиќ – Движење за обединување“, „Руска партија – Србија во БРИКС – Слободан Николиќ“, „Автентична десница – д-р Милош Јовановиќ – Храбро српски“, „Европска Србија – Мариника Тепиќ – Здравко Понош“, „СДА Санџак – Чувари на Санџак“, „Богољуб Кариќ – Движење на силата на Србија – БК“ и „Либерално зелена партија – За слободна и почиста Србија“.
Останатите листи се „Избирам правда – Избирам иднина“, „Партија на руско-српското единство – Русите и Србите се браќа засекогаш“, „Тато, ова е за тебе – Петар Ѓуриќ – Премиер на Србија“, „Владимир Гајиќ – Алтернатива за Србија“, „Албанска коалиција“ и „Мајка Србија – Груда“.
Два дена пред предвремените парламентарни избори во Србија, закажани за 25 октомври, анкетите не покажуваат јасен фаворит. Поддршката за студентската листа „Студентите победуваат“ и за листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ варира во зависност од агенцијата, методологијата и периодот на спроведување на истражувањата.
Аналитичарите оценуваат дека станува збор за едни од најнеизвесните избори во Србија од воведувањето на повеќепартискиот систем во 1990 година.
Во неколку градови во Србија деновиве имаше голема полициска акција за апсење група осомничена за планирање масовни немири на денот на изборите.