Денеска во Основниот кривичен суд Скопје со почеток во 10 часот почнува судскиот процес против Стојанче Јовановски обвинет дека ја навел на самоубиство својата сопруга Ивана која со него била во бракоразводна парница, а чиј живот оконча со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе на 2 март годинава, а животот при падот го загуби и нејзината шестгодишна ќерка Катја. Процесот ќе го суди судијата Ивица Стефановски.
Обвинителството го товари Јовановски дека ја навел Ивана на самоубиство, дека ѝ нанел телесни повреди при вршење семејно насилство и дека ѝ ја загрозил сигурноста.
Јовановски, како што соопшти Обвинителството на 2 март, денот на самоубиството, на повеќе локации во Скопје телесно ја повредил Ивана – ја удирал со шлаканици и со тупаници, нанесувајќи ѝ телесни повреди, од кои таа во еден момент и изгубила свест. Истиот ден, на паркингот зад Основниот кривичен суд Скопје, тој упатил и сериозни закани кон оштетената дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со што предизвикал кај неа чувство на несигурност, загрозување и страв.
Стојанче Јовановски подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон Ивана, која кон него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство кое може да се припише на небрежност на обвинетиот.
Обвинетиот издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата.
Обвинетиот сè почесто ја тепал и ја омаловажувал во нивниот дом во присуство на нивната малолетна ќерка, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде што живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка. Кога на критичниот ден жената повторно била изложена на неговото психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, како и на неговите закани и навреди, се вратила во станот заедно со детето. Побарала да се качи сама со ќерката во станот за да се спакува и да замине, но обвинетиот инсистирал да се качи со неа и продолжил да ѝ се заканува. Сведок на настанот го оттурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат оштетената да се спакува.
Но, малтретирањето ја довело оштетената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност, и таа без разумно да управува и да ги контролира своите постапки, извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете.