По трагичната несреќа, познатите личности се збогуваат со Лиам Пејн и му оддаваат почит.
31-годишниот пејач загина по пад од хотелски балкон во Аргентина, а непосредно пред смртта, наводно бил под дејство на дрога и/или алкохол.
Низ годините, тој беше отворен за проблемите со зависност, но лани тврдеше дека се ослободил од пороците. Па, неговата смрт беше шок и за фановите, но и за ѕвездите со коишто соработуваше.
Колегите од One Direction – Луи, Зејн, Најл и Хари – споделија заедничка објава на Инстаграм профилот на групата.
„Скршени сме од вестите за смртта на Лиам. Со текот на времето, кога сите ќе бидеме способни, ќе имаме да кажеме повеќе.
Но засега, ќе одвоиме време да тагуваме и да се справиме со загубата на нашиот брат, кого многу го сакавме. Спомените што ги споделивме со него ќе ги цениме засекогаш.
Засега, нашите мисли се со неговото семејство, неговите пријатели и фановите кои го сакаа покрај нас. Многу ќе ни недостасува. Те сакаме Лиам“, пишува на објавата.
Потоа, некогашните членови на One Direction споделија и посебни објави на нивните профили.
Хари Стајлс објави фотографија од Лиам на сцена пред бројна публика.
„Скршен сум од смртта на Лиам. Најрадосен беше кога ги правеше другите среќни и ми беше чест да бидам покрај него додека го правеше тоа.
Лиам беше отворена личност, имаше енергија која беше заразна. Беше топла личност, полна со љубов.
Годините што ги поминавме заедно секогаш ќе бидат меѓу најценетите години од мојот живот. Секогаш ќе ми недостасува мојот прекрасен пријател“, пишува во објавата.
Зејн Малик, пак, сподели стара фотка на која тој и Лиам спијат, веројатно уморни по проба или концерт.
„Лиам, ти зборувам на глас, надевајќи се дека можеш да ме слушнеш…
Никогаш не ти се заблагодарив што ме поддржуваше во најтешките мигови од мојот живот.
Кога ми недостасуваше домот како 17-годишно момче, секогаш беше тука за мене со позитивен став и насмевка и ми покажа дека си ми пријател и дека сум сакан.
Иако беше помлад од мене, секогаш беше почувствителен, своеглав, со свое мислење и не ти беше проблем да им кажеш на луѓето кога грешеа. Иако многупати се каравме поради ова, потајно секогаш сум те почитувал.
Кога стануваше збор за музика, Лиам, ти беше најквалификуван во секоја смисла. Во споредба со тебе, јас не знаев ништо, јас бев дете без искуство, а ти веќе беше професионалец.
Бев среќен што знаев дека без разлика што ќе се случи на сцената, секогаш можам да се потпрам на тебе бидејќи знаеш во која насока треба да се движиме.
Изгубив брат кога нè напушти и не можам да ти објаснам што би дал само за да те прегрнам уште еднаш и да ти кажам збогум, да ти кажам дека те сакав и почитував.
Ќе ги ценам сите сеќавања што ги имам со тебе… Се надевам дека каде и да си, дека си добар и дека си нашол мир и дека знаеш колку беше сакан“.
Луи Томлинсон сподели фотка од него и Лиам направена на концерт.
„Премногу сум тажен за да го пишувам ова, но вчера изгубив брат…“, почнува неговата објава.
Пејачот вели дека Лиам бил клучниот дел од One Direction и има само пофални зборови за неговиот глас и неговиот талент.
Во објавата, тој му праќа и порака на Лиам.
„Порака до тебе Лиам, ако слушаш. Се чувствував повеќе од среќен што те имав во мојот живот, но уште ми тешко да се справам со помислата дека треба да се збогуваме.
Благодарен сум што станавме уште поблиски по бендот. Тоа што зборувавме со часови на телефон, потсетувајќи се на илјадниците прекрасни сеќавања што ги имавме заедно е луксуз, мислев дека ќе бидеш покрај мене целиот живот.
Сакав уште еднаш заедно да застанеме на сцена, но тоа не се случи.
Сакам да знаеш дека ако некогаш му требам на Беар (син ти), секогаш ќе бидам чичкото што му треба во животот и ќе му раскажувам колку неверојатен беше татко му.
Посакувам да имав шанса да ти кажам збогум и уште еднаш да ти кажам колку многу те сакав. Момче мое, еден од моите најдобри пријатели, мој брату, те сакам. Спиј спокојно“.
Од членовите на One Direction, единствено Најл Хоран се нема огласено.
И Рита Ора му одаде почит на Лиам, на нејзиниот концерт во Осака Јапонија. Таа ја отпеа песната For You која со Лиам ја снимија во 2018 година за филмот Fifty Shades Freed.
Додека пееше, на екранот зад Рита имаше фотографија од неа и Лиам.
Рита се расплака додека пееше изјавувајќи „Не можам ни да пеам сега“.