Во среда во 11 часот ќе се одржи долгоочекуваната лидерска средба помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Во клубот на пратеници двајцата ќе се појават со засега дијаметрално спротивставени ставови.
Од владата ја потврдија средбата и посочија дека ќе се разговара пред сѐ за одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на Македонија, како и за пристапот на државата, институциите и сите политички чинители во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите наши соседи.
Ковачевски очекува дека ќе падне договор особено за двотретинско мнозинство за уставни измени, сепак од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема такви најави, напротив, тие постојано повторуваат дека уставните измени нема да се случат.
Мицкоски освен тоа што најави дека на лидерската нема да попушти, изјави и дека ќе го отвори прашањето за оставка на владата и Ковачевски откако ќе пропадне обидот за промена на Уставот.