Македонија нема да се повлекува од разговорите, но нема ниту брзоплето да влегува во процес чиј крај не е предвидлив, порача премиерот Христијан Мицкоски во интервју за МИА од Вашингтон, зборувајќи за односите со Бугарија и за продолжувањето на европскиот пат.
Мицкоски истакна дека прашањето за односите со Бугарија неизбежно е дел од разговорите со европските партнери, особено со претставниците на Европскиот совет и Европската комисија.
– Јас не сум од оние луѓе кои брзоплето ги прават работите во политиката. Свесен сум за реалноста, но и за погрешните политики на претходните влади – рече Мицкоски.
Според него, повлекувањето од меѓународните договори и од преговорите не е реално решение. Наместо тоа, Владата ќе настојува преку аргументирана политичка борба на меѓународната сцена да врати дел од позициите што Македонија ги загубила во минатото.
– Подготвени сме да аргументираме, а ако аргументите на соговорникот се посилни од нашите, подготвени сме и да ги прифатиме. Не се инаетиме и не сме тврдоглави. Нашата цел е македонската вистина и стратегија да ги претставиме на најдобар можен начин – нагласи премиерот.
Мицкоски оценува дека позициите на Македонија веќе привлекуваат внимание кај меѓународните партнери, особено во Европа, но посочи дека пред почнувањето каков било нов процес мора да се изгради меѓусебна доверба.
– Никогаш нема да влезам во процес без да имам предвидлив крај. За да дојдеме до таков процес, најпрвин треба да изградиме доверба, а за тоа мора да разговараме. Желбата треба да постои од двете страни, бидејќи ова е двонасочна улица – рече Мицкоски.
Владата, како што најави, е подготвена да разговара и за усогласување на Акцискиот план за малцинствата, но со присуство на претставник на меѓународната заедница.
Според Мицкоски, доколку дијалогот се води само меѓу Скопје и Софија, тоа дополнително би го потврдило ставот дека станува збор за билатерално прашање. Затоа тој предлага во разговорите да учествува и претставник на Европската Унија.
Паралелно со барањето решение за спорните прашања, Македонија ќе продолжи да ги спроведува реформите од Планот за раст и од Реформската агенда, порача Мицкоски во интервјуто за МИА