МВР потврди: Под истрага одговорни лица од приватна болница и вработени во ФЗОМ

од Вести365.МК Ј.Р.

Припадници од Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност изутринава спроведуваат претреси на повеќе од десет локации во Скопје, Тетово и Куманово, а под истрага, според првичните информации, се одговорни лица од приватна болница и вработени во Фондот за здравствено осигурување, осомничени за повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на службената положба и овластувањето, несовесно работење во службата, измама и перење пари.

Полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при МВР вршат претреси на повеќе локации во државата, во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, во рамките на истражен процес за финансиски злоупотреби во дел од здравството. По целосно завршување на акцијата, соодветно ќе ја известиме јавноста – потврдија од МВР за МИА.

Според првичните информации, штетата врз буџетот надминува 1,5 милион евра, а противправно стекнатата материјална корист за болницата се проценува на околу четири милиони евра. Оштетени се и поголем број пациенти кои се лекувале во болницата.

Дел од медиумите објавија дека првопријавен е Ден Дончев, поранешен директор на ФЗОМ, во време на Владата на СДСМ.

Осомничени се и Р.А. – поранешен претседател на управен одбор на ФЗО, В.Ќ. – поранешен управител на Санте, С.Б. – поранешен сопственик и овластено лице во болницата, С.А. – сегашен управител, Г.А. – поранешен директор на болницата, Ц.С. – поранешен раководител на Сектор за контрола во ФЗО, Ж.С. – поранешен директор на ФЗО подрачна единица Скопје, како и И.П. – сегашен раководител на подрачна единица Скопје, објавија дел од медиумите.

Повеќ детали МВР најави во текот на денот.

Слични објави