Нестабилните криптовалути се чини дека безбедно засолниште си најдоа во земји како Аргентина и Турција.
Таму високата инфлација и падот на локалните валути ги принудија граѓаните спасот да го бараат во дигиталните пари.
Во однос на сопственоста на дигиталните валути во светот, Турција предничи со удел од 27,1 отсто, а по неа е Аргентина со 23,5 отсто, што е значително повисока од проценетата глобална стапка од 11,9 отсто, според истражувачката компанија GWI.
Покрај водечките позиции во усвојувањето на криптовалути, Турција и Аргентина имаат заедничко и висока инфлација, што доведе до пад на курсот на националните валути и контрола на протокот на капитал за да се обесхрабри локалното население да изнесува пари во странство.
Годишната стапка на инфлација во Турција во март достигна 50,51 отсто, а во Аргентина дури 104 отсто. Турската лира и аргентинскиот пезос вртоглаво паѓаат и се на рекордно ниско ниво. На црниот пазар, треба да издвоите околу 464 пезоси за американски долар, што е повеќе од двојно од официјалниот девизен курс од 222 пезоси за долар.
Голем дел од купувањето на таканаречените безбедни засолништа се криптовалути како USD Coin (USDC) и Tether (USDT), кои претставуваат крипто токени поврзани 1:1 со традиционалните средства како американскиот долар или златото.
„Без разлика дали се работи за малопродажни инвеститори или институционални инвеститори, луѓето размислуваат како да се заштитиме од падот на вредноста на валутата“, рече Ехаб Заглул, главен истражувач во Tribal Credit, платформа за дигитални плаќања за стартапи на пазарот во развој.
Обемот на тргување со парот USDT-турска лира достигна повеќемесечен максимум минатата недела, поттикнат од слабеењето на турската валута и претстојните клучни претседателски и парламентарни избори.
„Генерално, постои поголема тенденција за прифаќање криптовалути во земји со ограничување на капиталот и финансиска и политичка нестабилност“, изјавија аналитичарите на истражувачката компанија K33 Research.