Русија потврди дека имало обид за атентат на Путин, Украина негира вмешаност

Киев се обидел со беспилотни летала да ја нападне резиденцијата на претседателот на Русија Владимир Путин во Кремљ, објави неговата администрација, пренесува Риа.

„Две беспилотни летала беа насочени кон Кремљ. Како резултат на навремените дејствија на армијата и специјалните служби кои користат радарски системи за војување, уредите беа оневозможени“, се вели во соопштението.

Се додава дека Путин не е повреден и дека неговиот распоред на обврски не е променет.

При падот и расфрлањето на делови од беспилотни летала на територијата на Кремљ нема повредени.

Кремљ ги нарече овие акции планиран терористички акт и обид за атентат на претседателот пред парадата за Денот на победата на 9 мај.

„Руската страна го задржува правото да преземе одмазднички мерки каде и кога смета дека е потребно“, додаваат од администрацијата на рускиот претседател.

Подољак: Киев нема никаква врска со нападот

Советникот на украинскиот претседател Михаил Подољак денеска ги отфрли наводите на Кремљ дека Киев се обидел да изврши напад со дрон врз резиденцијата на рускиот претседател Владимир Путин.

Тој за Ројтерс изјави дека Киев нема никаква врска со нападот со беспилотни летала врз Кремљ и дека таквите акции нема да и помогнат на Украина на бојното поле, туку само ќе ја испровоцираат Русија да иницира порадикални акции.

Подољак истакна дека тврдењата на Москва дека Украина стои зад нападот може да укажуваат на тоа дека Русија се подготвува за голем „терористички напад“ врз Украина во наредните денови.

Слични објави