Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница донесе одлука да поднесе иницијатива за кривично гонење и разрешување на директорот на Државниот градежен инспекторат Фатмир Арифи поради имот за кој нема обезбедено доказ за потекло на средствата. Како што информираа членовите на комисијата, станува збор за стан во Чаир, стан во Железара и моторно возило во вредност од 18.000 евра.
-Забележани се разлики во податоците внесени во неговиот анкетен лист и податоците добиени од Агенцијата за катастар и недвижности во делот на недвижниот имот, податоците од МВР во делот за моторни возила и Централниот регистар. Не е пријавен стан во сопственост на Фатмир Арифи во Чаир, не е пријавен стан во Железара, не е пријавен Форд кој го купил во 2021 година по цена од 18 000 евра. Со цел да се утврди фактичката постапка, ДКСК го повика лицето на разговор, во разговорот беше побарано да се произнесе во врска со констатираните разлики во податоците до анкетниот лист и надлежните институци. Тој одговори дека се занимава со продажба на автомобили и дека едниот стан го стекнал со размена на автомобил со стан и тврдење дека за тоа има договор заверен на нотар. Од увидот во податоците во банките и другите финансиски институци во нашата држава за именуваниот и неговите членови од семејството со кое живее произлегува дека именуваниот освен редовните примања по основ на плата не остварува дополнителни приходи, а имајќи предвид дека истиот не достави докази за основот и потеклото на средставата за стекнување на становите и возилото не се докажа дека наведениот имот е стекнат како резултат на примања кои се пријавени и оданочени, информира претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
Антикорупционерите ќе поднесат до Обвинителството иницијатива за отварање кривична постапка според член 359а казната кој се однесува на прикривање на потекло на несразмерно стекнат имот казната се движи од шест месеци до пет години затвор како и парична казна и одземање на имотот.
Пред три години, Владата го именуваше Арифи за в.д. директор на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.