Јавен обвинител од ОЈО ГОКК поднесе обвинение до Основниот кривичен суд Скопје против повеќе луѓе осомничени за корупција поврзана со користење средства од ИПАРД програмата.
– Првообвинетиот, како управител на фирма, аплицирал за финансиска поддршка на јавен повик од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Бидејќи фирмата не ги исполнувала условите, апликацијата била лошо рангирана и не требало да добие пари. За да ја смени одлуката, управителот во повеќе наврати нудел и давал мито. На едно раководно лице во Агенцијата му бил ветен подарок од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени по 5.000 евра за да влијаат врз постапката и да обезбедат незаконско одобрување на средствата – се вели во соопштението.
Обвинителството утврдило дека четворица државни службеници од Агенцијата постапувале спротивно на законот. Тие, иако знаеле дека апликацијата не ги исполнува условите, направиле погрешни пресметки, прифатиле некомплетна документација и одобриле финансиска поддршка што не смеела да биде доделена. Еден од обвинетите службеници го потпишал решението иако бил свесен за незаконитоста, со цел да го добие ветеното мито.