Енергетските чинители на големо работат на анализите со домашните производители и дистрибутери на струја, како би се искористила таа поевтина струја, насочувајќи ја кон домаќинставата. Една од можноситте за пласман на електирчната енергија е преку проширување на временскиот тајминг за дневната тарифа за струјата од два на пет часа, но и модификација на блок тарифите на струја. Сето ова оди во прилог на тоа граѓаните да добијат поевтина струја со што барем малку би се олесниле месечните трошоци за оваа ставка.
Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ), Ацо Ристов, нагласува дека треба да се воспостави систем кој ќе овозможи користење на евтината домашна енергија..
Тоа е и повод за размислување како да се воспостави систем кој ќе обезбеди произведената електричната енергија од обновливи извори, која е далеку поевтина од онаа што ја произведува ЕСМ, а државата ја субвенционира, да стигне до граѓаните. Ние сме во нов енергетски период. Енергетиката е динамична, а наша цел како регулатори е евтината енергија да дојде до домаќинствата – вели Ристов.
Според него, во Македонија во последните десет години има бум во инвестирање во енергетскиот систем, особено во ветерната енергија и обновливите извори. Идејата, како што тврди, е да се искористи зголеменото производство на електрична енергија од фотоволтаични централи и таа да се вклучи во системот, со цел потрошувачите да имаат поголем бенефит.
Тоа се такви големи инвестиции, со што практично е дуплиран капацитетот на праизводство на енергија. Едно време беше филозофијата дека навечер треба да биде евтина тарифата и тогаш граѓаните да ја користат. Но, сега се сменети работите на пазарот и сега, ако ги погледнете берзите, најскапата енергија е навечер. Имаме хиперпродукција на фотоволтаична енергија, која производителите нема каде да ја пласираат. Идејата е како да ја менаџираме таа енергија, да ја внесеме преку државниот систем, дали ЕСМ ќе ја откупува, но крајната цел е граѓаните да ја добијат таа евтина енергија. Наместо да биде 0 цената на берзата, да пробаме да изменаџираме, државата да го намали производството од јаглен преку ЕСМ, да ја откупи енергијата од производителите на фотоволтаици преку ден. И зошто да немаме евтина тарифа пет часа во текот на денот. Не ноќта, туку денски. Бидејќи таа тогаш е евтина на пазарот – вели Ристов.
За сето ова, како што тој најави, потребно е да се направи стручна анализа со Министерството за енергетика, со Владата, со операторите, со дистрибиутерите, со производителите на таа евтина енергија.
Ако цената во првата блок тарифа е 4,7 денари по киловат-час, Ристов рече дека може да се направи целата да биде 3,7 денари по киловат-час.
Имаме енергија што ја произведува државата, ама не можеме да ја изменаџираме во нов систем. Идејата е како тие тарифи да ги намалиме, односно да ги прилагодиме на новиот енергетски период. Енергетиката бара динамична работа. Идејата на регуларот е како да дојдеме до користење на евтината електрична енергија која Македонија ја произведува како последица на наглото инвестирање во обновливи извори, како ветерот и сонцето – кажа тој.
Една од опциите што се разгледуваат, според него, е проширување на евтината дневна тарифа од сегашните два на пет часа.
Ноќната тарифа ќе остане, но можно е да има промена на временскиот период. Ако на пазарот енергијата е скапа од 19 до 22 часот, нека се помести ноќната од полноќ до сабајле. Но, денски, наместо два, да има пет часа. Сепак, треба да ги видиме резултатите од анализите – вели тој.
Според него, треба да се најде начин да се мотивираат граѓаните да ја трошат евтината енергија кога таа се произведува, а тоа е преку ден.
Анализите, очекува да бидат направени до крајот на летото.
Од РКЕ велат дека се прави анализа и на системот на блок тарифи со цел граѓаните да добијат пониска цена на електричната енергија.
Според првиот човек на РКЕ актуелниот систем на блок тарифи е воведен за време на енергетската криза во 2021 и 2022 година, но оттогаш состојбите во енергетскиот сектор значително се промениле. За него нелогично е да се плаќаат четири цени за ист берзански производ.
Министерката за енерегетика Сања Божиновска за укинување на блоковите тарифи, вели дека за тоа е надлежна Регулаторната комисија за енергетика. Блоковите, потсети Божиновска, беа донесени кога цените на електричната берза изнесуваа 700, 800 или 1.000 евра за мегават час.
Сега имаме комплетно друга слика, имаме цени нула, а Регулаторната комисија за енергетика е одговорна за блоковите. Таа ги дефинира и прави истражување што се случува. Ако не повика, секако ќе дадеме наше мислење, меѓутоа целта е една и единствена, граѓаните да имаат пониски сметки, што се надевам дека е цел и на Регулаторната комисија. Со овие ниски цени сега што се, што ги гледаме, се надевам дека би можело да има некоја промена, меѓутоа тоа се зависи од Регулаторната комисија за енергетика – објасни министерката.