Во понеделникот наставата започна во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Станува збор за училиштето во кое пред 19 дена момче (13) го застрела прво чуварот, а потоа и учениците и професорката по историја. Крвавиот масакр однесе дури 10 животи, а многумина беа ранети.
По пукањето полицијата соопшти дека момчето испланирало се. Имал список со ученици кои сакал да ги ликвидира, оружјето го зел од татко му. Иако таткото тврдел дека пиштолите биле заклучени во сефот, неговиот син очигледно ја имал шифрата.
Родителите и децата со денови се собираа пред училиштето и положуваа свеќи, цвеќиња, играчки и пораки за загинатите. Тоа е трагедија која ја потресе цела Србија и регионот.
Децата денеска се враќаат на училиште
Веќе подолго време се расправа дали децата ќе се вратат на училиште или не. Многу родители апелираа до надлежните да го прогласат крајот на учебната година во знак на солидарност. Другите крајот на учебната година го бараа само во Рибникар. Сепак, децата и денеска се враќаат на училиште, но нема да има испрашувања или тестови, вели српски Курир.

Не сите родители се согласија со идејата нивните деца да се вратат на местото на злосторството, само 19 дена по неговото извршување. Над 150 родители се потпишаа на иницијативата училиштето да го прогласи 3 мај за крај на учебната година и децата да се оттргнат од траумите низ кои поминаа.
Учебната година трагично заврши на 3 мај. Секој ден потоа не е продолжение на учебната година, туку глумење дека ништо не се случило. И тоа се случи. Нашите деца ги убиваа на училиште – велат родителите во соопштението за медиумите.
Судскиот вештак и невропсихијатар Зоран Ѓуриќ рече дека ја поддржува оваа иницијатива.
За да се смири и заздрави оваа посттрауматска реакција, потребно е децата да не доаѓаат на училиште, на местото на злосторството – рече тој и додаде дека мора да се оддалечат од сите места што може да се поврзат со злосторството.

Децата треба да поминуваат време до лето со својот клас и наставниците, но надвор од училиште – на терени, игралишта, во паркови. Нека зборуваат, се смеат, плачат, врескаат, се гушкаат… Децата нека бидат нашиот фокус во текот на летото, а од 1 септември ни треба целосна реформа на образовниот систем – рече таа.
И српскиот министер за економија Раде Баста имаше идеја што да се прави со училиштето.
Повикувам на единство на власта и опозицијата на местото на училиштето да се изгради спомен-парк за жртвите од училиштето за да им остане вечен споменот. Да се урне сегашното училиште, а некаде во околината да се изгради ново училиште – напиша Баста на Инстаграм.